Мистериозното исчезнување на Агата Кристи…

Агата Кристи е најпопуларната писателка на крими-романи и таа е хероина на една цела генерација, но и за генерациите по неа. Нејзините мистериозни приказни и ден денес се актуелни и читани, а Агата Кристи е една од најпочитуваните писателки на сите времиња.

Но, дали сте знаеле дека освен при пишувањето, Агата и во својот сопствен живот била вплеткана во една мистериозна приказна за која вистината никогаш не била откриена? На блогот веќе имам напишано неколку интересни факти за неа, но денес се концентрираме на едно од најмистериозните исчезнувања во Велика Британија во тоа време.

3163089_0

Некаде околу 21:30 часот, на 3 декември 1926 година, Агата Кристи станала од својата столица и се качила на вториот кат од својата куќа во Беркшир. Ја бакнала својата полузаспана ќерка Розалинд (7 години), ѝ посакала добра ноќ и повторно се симнала долу. Тогаш се качила во својот автомобил и заминала. Во следните 11 дена немало ни трага ни глас од неа.

Нејзиното исчезнување ја покренало една од најголемите потраги во историјата на Велика Британија. Таа веќе била позната писателка и за овој случај биле ангажирани повеќе од 1000 полицајци, заедно со 15000 волонтери. Првпат биле вклучени и авиони во потрагата.

Секретарот за внатрешни работи, Вилијам Џојнсон-Хикс, ја замолил полицијата да направи сѐ што е можно за да ја најдат побрзо. Сер Артур Конан Дојл, „таткото“ на Шерлок Холмс, и Дороти Л. Сајери, авторка на книжевниот серијал за Лорд Питер Вимзи, исто така се вклучиле во потрагата. Сите се надевале дека нивното познавање би помогнало да се реши мистеријата.

Не било потребно долго за да се пронајде нејзиниот автомобил. Возилото било пронајдено на една стрмнина во близина на Гулдфорд. Но, немало ниту трага, ниту глас од Агата Кристи, ниту пак имало докази дека била вклучена во некаква несреќа.

93572482_not_original_filesin_late_1926-large_trans_nvbqzqnjv4bqeo_i_u9apj8ruoebjoaht0k9u7hhrjvuo-zlengruma

Како што минувале деновите, а сѐ уште немало ни трага ни глас од Агата Кристи, луѓето природно почнале да шпекулираат. Медиумите сосема полуделе, измислувајќи уште полуди теории за тоа што се случило.

Тоа било совршената приказна за таблоидите, со сите елементи од мистериите на Агата Кристи. Во близина на местото каде што бил пронајден нејзиниот автомобил имало некаков природен поток во кој претходно според информациите две деца се удавиле. Ова било доволно за дел од новинарите да се прашуваат дали можеби таа намерно се удавила во потокот.

Сепак немало трага од нејзиното тело и самоубиството речиси веднаш било отфрлено како неверојатно, бидејќи нејзиниот професионален живот цветал како никогаш порано. Нејзината шеста книга „Убиството на Роџер Акрој“ се продавала исклучително добро и таа веќе била позната и почитувана во британското општество.

Некои велат дека инцидентот бил само маркетиншки трик, паметен начин како да ја промовира новата книга. Други имале малку помрачни теории. Почнале да се шират муабети дека нејзиниот сопруг Арчи Кристи, кој бил пилот во Првата светска војна, всушност ја убил својата сопруга. Веќе било добро познато дека тој имал љубовница.

Артур Конан Дојл, кој бил посветен окултист, се обидел да користи паранормални моќи за да ја реши мистеријата. Тој земал една од ракавиците на Кристи и ја однел кај некоја позната гатачка со надеж дека тоа ќе донесе одговор. Но, овој обид не успеал. Дороти Сајерс го посетила местото каде што исчезнала Агата во потрага по можни траги. И ова не било успешно.

Кога истрагата влегла во својата втора недела, вестите за нејзиното исчезнување се прошириле низ светот. Ова дошло и до насловната страна на „Њујорк Тајмс“.

Мистеријата траела се до 14 декември. 11 дена по исчезнувањето, Агата Кристи конечно била пронајдена. Таа била пронајдена жива и здрава во еден хотел во Херогејт, но околностите биле толку чудни што покренале повеќе прашања отколку што решиле. Кристи не можела да даде никакви траги и одговори за тоа што се случило, затоа што не паметела ништо. Полицијата морала сама да открие што се случило имајќи ги доказите кои дотогаш ги имала.

Тие дошле до заклучокот дека Агата Кристи заминала од дома и тргнала кон Лондон и во целиот тој процес го удрила автомобилот. Потоа се качила на воз до Херогејт. Кога стигнала таму, се чекирала во хотелот без речиси никаков багаж. Она што е уште почудно е што се чекирала под името Тереза Нил, името на љубовницата на нејзиниот сопруг.

51937317_0
(хотелот во кој била пронајдена Агата Кристи)

Херогејт бил прилично популарно место во 20-тите години на 20 век и бил полн со модерни работи и настани. Агата Кристи воопшто не предизвикала сомнежи и додека била таму одела на балови и учествувала во забавниот живот. На крајот, еден од музичарите во хотелот ја препознал и се јавил во полиција. Тие му се јавиле на нејзиниот сопруг кој веднаш се упатил кон адресата која му била дадена.  Но, неговата жена не се брзала да си замине. Наместо тоа, таа го оставила да чека во лобито на хотелот додека се пресоблекувала во нејзината вечерна тоалета.

Агата Кристи никогаш јавно не прозборела за тие 11 мистериозни денови од нејзиниот живот и низ текот на годините имало многу шпекулации во врска со тоа што навистина се случувало во периодот меѓу 3 и 14 декември 1926 година.

Нејзиниот сопруг велел дека таа имала целосна амнезија како резултат од сударот. Но, според биографот Ендрју Норман, писателката можеби била и во таканаречена состојба на „фуга“, односно психогенски транс. Ова е ретка медицинска состојба која понекогаш се случува како резултат на траума и депресија.

Норман вели дека нејзиното присвојување на нова личност под името Тереза Нил и нејзината неспособност да се препознае себеси во сликите од весниците се знаци дека таа имала психогенска амнезија.

Норман вели: „Верувам дека била суицидална. Нејзината состојба на ум била на многу ниско ниво и таа пишува за тоа преку нејзиниот лик Селија во автобиографската книга „Незавршен портрет.““

Сепак, таа наскоро комплетно оздравела и се вратила на пишувањето. Но, повеќе не можела да ги трпи сексуалните екскурзии на нејзиниот сопруг и во 1928 година се развела од него, а подоцна се омажила со познатиот археолог сер Макс Малован.

Најверојатно никој никогаш точно нема да дознае што се случило во тие 11 изгубени денови. Исчезнувањето на Агата било толку мистериозно што ни нејзиниот прославен лик Херкул Поро не би можел да го реши случајот.

 

 

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out / Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out / Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out / Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out / Change )

Connecting to %s