Нил Гејман: Зошто нашата иднина зависи од библиотеките, читањето и сонувањето со отворени очи?

Прашањата околу тоа зошто читаме и зошто книгите се важни за нас, се стари колку и самиот свет. Галилео го гледал читањето како еден вид поседување супермоќи. За Кафка, книгите се „секирата за замрзнатото море во нас.“ Карл Саган ги гледал како „доказ дека луѓето се способни за магија.“ Џејмс Болдвин во нив нашол начин преку кој човекот може да ја промени својата судбина. За полската Нобеловка Вислава Шимборска, тие се нашиот фронт за слободата.

Но, една од најдобрите и повеќедимензионални анализи за важноста на книгите и нивната улога во човековиот живот доаѓа од писателот Нил Гејман во неговиот есеј „Зошто нашата иднина зависи од библиотеките, читањето и сонувањето со отворени очи?“

neilgaiman_byamandainstagram

Овој есеј оригинално бил дел од предавањето за една англиска хумантирана организација посветена на тоа да им даваат еднакви можности на деца од различно потекло со тоа што ќе им ја всадат љубовта кон читањето, а потоа тој говор бил вклучен и во други збирки.

Гејман размислува за тоа како самото дејство на читање нѐ менува и зборува зошто е добро за нас:

„Еднаш, кога бев во Њујорк, слушав едно предавање за зградите на приватните затвори – огромна растечка индустрија во Америка. На оваа индустрија ѝ е потребен план за својот иден развој – колку затворски ќелии ќе им бидат потребни? Колку затвореници ќе има за едно 15 години? И тие откриле дека можат многу лесно да ги предвидат овие работи, користејќи еден многу едноставен алгоритам базиран на основа на тоа колкав е процентот на деца кои имаат 10 и 11 години, а кои не знаат да читаат. И кои не можат да читаат од задоволство.“

Во еден пасус кој би требало да го прочитаат сите родители и наставници, тој вели:

„Јас мислам дека не постои лоша книга за деца. Одвреме-навреме се појавува еден тренд помеѓу возрасните кои сакаат да одвојат одредени детски книги од одреден жанр, понекогаш сакаат да издвојат некои писатели и да ги посочат како лоши книги, книги кои децата не треба да ги читаат. Постојано сум гледал како се случува ова. Енид Блајтон беше прогласена за лоша писателка, исто како и Р.Л. Стајн и уште дузина други. Самите стрипови беа прогласени дека поттикнуваат неписменост.

Тоа е глупост. Тоа е снобизам и будалаштина.thebiggreenbook_gravessendak5_1
(дело на Маурис Сендак, за книгата „Големата зелена книга“ од Роберт Грејвс)

Не постојат лоши писатели за деца, особено писатели кои децата сакаат да ги читаат и кои ги бараат, затоа што секое дете е различно. Тие можат да ги најдат приказните кои ги сакаат и да се приврзат кон приказните. Некаква старомодна и застарена идеја не е старомодна и застарена за некој кој првпат се среќава со неа. Не смеете да ги обесхрабрувате децата да читаат само затоа што мислите дека не треба да читаат одредени книги.

Книгите кои вам не ви се допаѓаат се порта која води кон други книги кои вие можеби ги одредувате и претпочитате да ги читаат. А и не секој го има вашиот вкус. Добронамерните возрасни можат многу лесно да ја уништат љубовта на децата кон читањето. Едноставно забранете им да го читаат она што го сакаат или дајте им значајни, но досадни книги кои вам ви се допаѓаат и на крај ќе завршите со генерација деца кои се убедени дека читањето не е модерно и уште полошо – непријатно.

Гејман потоа се врти кон втората главна фукнција на книжевноста, нејзината неоспорена способност да поттикнува емпатија. Во еден дел од излагањето, тој вели:

„Кога гледате телевизија или филм, вие ги гледате работите кои им се случуваат на другите луѓе. Книгите се нешто што го градите од 26 (31 во нашиот случај, м.з) букви и еден куп интерпукциски знаци и вие, само вие, користејќи ја вашата фантазија, создавате свет и луѓе и ги гледате низ очите на другите луѓе. Чувствувате работи, посетувате места и светови кои инаку никогаш не би ни знаеле дека постојат.

Учите дека и дека другите луѓе на светот имаат свое јас. Вие сте некој друг и потоа, кога ќе се вратите во вашиот свет, вие сте малку променети. Емпатијата е алатка за сместување на луѓето во групи и ни помага да фукнционираме како нешто повеќе од поединци опседнати со самите себе.“

20151006165136-introvert-reading-books

Продолжувајќи понатаму, тој истакнува уште една, трета есенцијална улога на фикцијата во животот на луѓето – способноста да нѐ запознае со различни верзии на светот со тоа што замислува алтернативни можности за работите и состојбите:

„Фикцијата може да ви покаже различен свет. Може да ве однесе на места на коишто не сте биле. Откако ќе посетите други светови, никогаш нема да бидете целосно задоволни со светот во којшто сте пораснале. И незадоволството е добра работа: ако се незадоволни, луѓето можат да ги менуваат и подобруваат своите светови, да ги оставаат подобри, различни.“

Но, сосема е можно дека најсигурниот начин да се спречи градењето на љубовта кон читањето е да ја отсечете пристапноста кон книгите, а нема поголема заштита од таа опасност од библиотеката. Гејман се присеќава на клучната улога која библиотеката ја имала во неговиот живот:

„Јас имав среќа. Кога растев, имаше една одлична локална библиотека. Имав родители кои лесно ги убедував да ме остават во библиотеката за време на летните распусти додека тие одеа на работа и библиотекари на кои не им пречеше едно мало момче кое секое утро се врткаше назад кај делот за детски книги и ги читаше картичките барајќи книги во кои имаше духови, магија или ракети, вампири, детективи, вештерки и чуда. И кога завршив со делот со детски книги, се префрлив на книгите за возрасни.“

Гејман со многу пофални зборува и за библиотекар(к)ите од неговото детство:

„Тие беа добри библитекар(к)и. Тие сакаа книги и тие сакаа кога книгите се читаат. Тие ме научија како да нарачувам книги од други библиотеки преку меѓубиблиотекарски позајмици. Тие никогаш не беа снобови околу мојот избор на читање. Ним изгледа им се допаѓаше тоа што таму доаѓаше едно мало момче со широко отворени очи, момче кое сакаше да чита и тие зборуваа со мене за книгите кои ги читав, ми наоѓаа други книги кои беа продолженија и книжевни серијали и ми помагаа. Тие се однесуваа со мене како со уште еден читател, ништо повеќе и ништо помалку, а тоа значеше дека се однесуваа со мене со почит. Јас како осумгодишник не бев навикнат некој да се однесува со мене со почит.

725595cf-957e-4467-8b90-9504327c0b74

Библиотеките се поврзани за Слободата. Слобода да читаш, слобода на идеи, слобода на комуникација. Тие се поврзани со образованието (коешто не е процес кој завршува на денот кога ќе завршиме средно училиште или факултет), со забавата, со создавањето безбедни места и со пристапот кон информации.“

Потоа Гејман продолжува со употреба на метафора за да го изрази своето уверување дека книгите ќе ја издржат и надминат добата на екраните:

„Како што тоа еднаш ми го кажа Даглас Адамс, 20 години пред да се појави Киндл, физичката книга е како ајкула. Ајкулите се стари: постоеле ајкули уште пред да се појават диносаурусите. И причината поради којашто сѐ уште има ајкули е тоа што ајкулите се подобри во тоа да бидат ајкули од кого било друг. Физичките книги се цврсти, тешки за уништување, даваат отпор и добро чувство кога се во вашите раце. Тие се добри во тоа да бидат книги и секогаш ќе има место за нив.“

Но Гејман се грижи да не прави забуна помеѓу медиумот и пораката – читањето е она што е важно. Тој пишува:

„Потребни ни се библиотеки. Потребни ни се книги. Потребни ни се писмени граѓани.Јас не се грижам и не верувам дека е важно дали овие книги се направени од хартија или се дигитални, без оглед на тоа дали читате на пергамент или на екран. Најважната работа е содржината. Но, книгата сама по себе е содржина, па затоа и таа е важна.

Книгите се начин преку кој комуницираме со мртвите. Начинот на кој ги учиме лекциите од оние кои не се повеќе со нас, дека човештвото се градело самото врз себе, напредувало, постепено го создавало знаењето наместо да го направи нешто што треба одново да се преучува. Постојат приказни кои се постари од повеќето држави, приказни кои ги надживеале културите и зградите во кои биле раскажани.“

header

Гејман размислува за нашите одговорности за иднината – како читатели, писатели, граѓани, членови на видот на раскажувачи на приказни:

„Верувам дека имаме обврска да читаме од задоволство, на приватни и јавни места. Ако читаме од задоволство, ако другите нѐ гледаат како читаме, тогаш учиме, тогаш ја користиме нашата фантазија. Им покажуваме на другите дека читањето е добра работа.

Имаме обврска да ги поддржиме библиотеките. Да ги користиме библиотеките, да ги поттикнуваме другите да ги користат библиотеките, да протестираме кога ги затвораат блбиотеките. Ако не ги цените библиотеките, тогаш не ја цените вредноста на информациите, културата и мудроста. Вие ги замолчувате гласовите од минатото и ѝ наштетувате на иднината.

Имаме обврска да им читаме на децата на глас. Да им читаме работи во кои уживаат. Да им читаме приказни од кои нам веќе ни е смачено. Да ги имитираме гласовите, да го направиме тоа што е можно поинтересно и да не престанеме да им читаме затоа што веќе самите научиле да читаат. Имаме обврска да го користиме читањето на глас како време за поврзување, како време во кое нема проверување на телефоните и кога сите одвлекувања на вниманието од страна на светот ќе ги тргнеме на страна.

readingbooksprompt

Имаме обврска да го користиме јазикот. Да се поттурнуваме себеси: да откриеме што значат зборовите и како да ги користиме, како јасно да комуницираме, да го кажеме она што го мислиме. Не смееме да се обидуваме да го замрзнеме јазикот или да се преправаме дека јазикот е мртва работа која мора да се почитува, туку треба да го употребуваме како живо суштество кое лебди, кое позајмува зборови, кое дозволува значењата и изговорот да се менуваат со текот на времето.

Ние писателите, особено писателите за деца, но и сите писатели, имаме обврска кон нашите читатели: тоа е обврската да се пишуваат вистинити работи, а тоа е особено важно кога создаваме приказни за луѓе кои постојат на места кои никогаш не постоеле – за да сфатат дека вистината не е во тоа што се случува, туку во она што ни кажува кои сме всушност ние.

На крајот на краиштата, фикцијата е лага која ја кажува вистината. Имаме обврска да не им бидеме здодевни на нашите читатели, туку да направиме тие постојано да ги прелистуваат страниците.  Еден од најдобрите лекови за неентузијастичен читател е приказната која тој не може да престане да ја чита.

Иако мораме на читателите да им кажуваме вистинити работи и да им даваме оружје и да им пренесуваме секаква мудрост која сме ја собрале од нашиот краток престој на овој зелен свет, ние не смееме да попуваме, да предаваме лекции, ниту пак да туркаме соџвакан морал и пораки низ грлото на нашите читатели како што возрасните птици го прават тоа со своите малечки и не смееме никогаш, никогаш, ама баш никогаш и под никакви околности да напишеме нешто за деца што ни самите не би сакале да го прочитаме.

Имаме обврска да разбереме и да признаеме дека како писатели за деца, ние вршиме важна работа, затоа што ако ја зезнеме работата и пишуваме досадни книги кои ги одвраќаат децата од читање и книги, тогаш ние сме ја намалиле и нашата и нивната иднина.“

24522

Потоа Гејман продолжува да збори за фантазијата и сонувањето:

„Сите ние, возрасни и деца, писатели и читатели, имаме обврска да сонуваме со отворени очи. Имаме обврска да фантазираме. Лесно е да се преправаме дека никој не може да смени ништо, дека живееме во свет во кој општеството е големо, а поединецот е помалку од ништо, атом во ѕидот, зрно ориз во полиња со ориз. Но, вистината е дека поединците постојано го менуваат својот свет, поединците ја создаваат иднината и тие го прават тоа со фантазирање и замислување дека светот може да биде поинаков.

Еве, разгледајте наоколу во собава… Сѐ што можете да видите, вклучувајќи ги и ѕидовите, во еден момент сѐ било замислено. Некој решил дека можеби ќе биде полесно доколку седи на столица отколку на земја и си ја замислил столицата. Некој морал да замисли начин преку јас ќе можам тука во Лондон да говорам пред вас, без сите да наврнеме.

Оваа соба и сите работи во неа и сите останати работи во оваа зграда, во овој град, постојат поради тоа што одново и одново, луѓето замислувале работи. Тие сонувале со отворени очи, тие размислувале, тие создавале работи кои не фукнционирале, тие опишувале работи кои во тоа време уште не постоеле и тоа на луѓе кои им се смееле.

И тогаш, со текот на времето, тие успеале. Политички движења, лични движења, сѐ започнува со луѓето кои замислуваат друг начин на постоење.“

Последната обврска која ја именува Гејман е особено гласна и релевантна за денешното општество:

„Имаме обврска да им кажуваме на нашите политичари што сакаме, да гласаме против политичари или која и да е партија која не ја разбира вредноста на читањето при создавањето вредни граѓани и кои не сакаат да дејствуваат за да го зачуваат и заштитат знаењето и да ја поттикнат писменоста. Ова не е прашање на партиски политики. Ова е прашање на човечност.“

Извор.

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s