5 исклучителни и впечатливи хероини од книжевноста!

Денес е 8. Март, Меѓународниот ден на жената. Овој ден го одбележуваме за да ја одбележиме и испочитуваме борбата на жените за своите права како: право на глас, право на образование, право да работат и заработуваат. Иако денес во голем дел овие работи ни се нормални, сепак борбата да се стигне дотука била тешка и мачна.

Она што е интересно е фактот дека книжевноста секогаш била пред своето време. Во книжевноста секогаш наоѓаме примери за силни хероини со слободен дух кои му пркосат на времето и општествените норми и поголемиот дел од романите со вакви силни женски ликови се напишани во време кога жените немале право ниту да се образоваат и секој обид на жената да излезе од пропишаните рамки на однесување бил скандалозен чин во очите на општеството.

csm_woman_reading_8612fd178a

Денес, кога го прославуваме и чествуваме 8. Март, решив да составам една кратка листа од хероините од моите омилени книги кои сметам дека се доволно впечатливи. Некои од нив за мене претставуваат вистински пример за тоа каква жена сакам да бидам, некои се одраз на тоа што го чувствувам, некои од нив се сосема поинакви и имаат сосема поинаков живот од оној кој јас би го имала, но нивните патишта ме натерале да размислувам повеќе на некои теми на кои не сум размислувала порано.

Да, оваа листа може да биде многу подолга и веројатно има многу главни женски ликови кои заслужуваат да се најдат на оваа листа, но овојпат ги одбрав оние кои инстинктивно прво ми паднаа на ум. Некои се очекувани, а некои можеби и никогаш не би ги ставиле на оваа листа, која во иднина ќе биде надополнувана.

Честит 8 март! 

Елизабет Бенет – „Гордост и предрасуди“ од Џејн Остин

76f518a0-145c-0133-f513-0e18518aac2f

Елизабет Бенет е мојата омилена хероина, што не е за изненадување земајќи го предвид фактот дека „Гордост и предрасуди“ е мојата омилена книга.

Елизабет е прекрасна хероина, затоа што има некаков неверојатен шарм што прави да посакате да ѝ бидете другарка или пак и вие да поседувате некои од нејзините карактеристики.

Таа не е роб на нормите и правилата на општеството во коешто живее, напротив, таа е весела, позитивна, има одлична смисла за хумор, силна, своеглава и секогаш носи одлуки врз основа на сопствениот разум и чувства. Да, таа прави погрешни проценки и понекогаш им верува на погрешните луѓе (Викам, фуј!), но токму тоа ја прави уште поголема хероина.

Таа е човек, од крв и месо, не е совршена, но во секој момент е своја и не се плаши да признае грешка (а тоа го увидуваме на крајот). И не се плаши да каже „Не“ на понуда за брак која ја ужаснува. Покрај тоа, таа е неверојатно лојална кон луѓето што ги сака и има цврст интегритет. Таа навистина е одличен модел на кој девојчињата треба да се огледуваат.

Најдобрата реплика на Елизабет Бенет во книгата:

Во еден момент, таа бестрашно ѝ се спротиставува на Лејди Кетрин, велејќи: „Тој е џентлмен, а јас сум ќерка на џентлмен – сега засега, ние сме еднакви!

Џејн Ер – „Џејн Ер“ од Шарлот Бронте

e85ec9b0-a383-0134-194d-060e3e89e053

Џејн Ер е мојата втора омилена хероина од книгите кои сум ги прочитала. Да создадете ваков лик во време во кое жените немале право да поседуваат имот, ниту да имаат каква било независност, без оглед на тоа дали се работи во домот на своите родители, а потоа и во домот на својот сопруг – навистина е за пофалба.

Џејн Ер има неверојатно слободен дух, а и покрај сите неволји со кои се соочува, таа секогаш успева да оди со високо крената глава. И покрај тоа што е заљубена до уши и покрај тоа што навистина го сака, сепак решава да си отиде од куќата на мажот кој го љуби, затоа што таа смета дека тоа е единствената вистинска и правилна одлука.

Шарлот Бронте одлично си ја завршила својата задача при создавање на нејзиниот лик, затоа што Џејн е толку реално напишана и нејзиниот развој е толку очигледен, што кога ја читате книгата имате чувство дека навистина ја познавате Џејн и комплетно навлегувате во нејзината приказна. Нејзината душа и мисли се одлично разработени и тоа ја прави Џејн една од најдобрите женски хероини во историјата на книжевноста.

Најдобрата реплика на Џејн Ер во книгата:

„Јас не сум птица и ниту една мрежа не ме заробува. Јас сум слободно човечко суштество со со независна волја.“

Ема Бовари – „Госпоѓа Бовари“ од Гистав Флoбер

painting-madame-bovary-1024x743-600x435

Ема Бовари е сосема различна од хероините на оваа листа. Таа не е најпрекрасниот пример на кој треба да се огледуваме, ниту пак се истакнува со некакви преголеми морални карактеристики, но Ема Бовари е дефинитивно еден од највпечатливите женски ликови во историјата на книжевноста.

Да, Ема Бовари го презира својот маж кој ја обожава и прекрасно се однесува кон неа, таа го изневерува истиот тој маж, краде од него и го измамува на различни начини и многу често ви доаѓа да ѝ удрите заушка.  Таа не е ниту најпаметниот женски лик, ниту пак ги има најдобрите карактеристики кои една жена ги посакува.

Но, преку ликот на Ема Бовари нам ни се прикажува и олицетворува тесноградоста на општеството во коешто таа живеела, ограничувања кои им биле поставени на жените во тоа време. Таа се мажи со маж кој не го сака, затоа што тоа мора да биде така. Таа живее живот кој ѝ е наметнат од општеството, таа нема друг избор освен да живее така. Таа е растргната помеѓу животот кој сака да го живее и животот кој мора да го живее, кој ѝ е наметнат од општествените норми.

Секако, тоа не значи дека Ема Бовари е невина жртва на околностите, напротив, таа сосема свесно ги прави изборите кои водат кон нејзината пропаст, но од друга страна ве тера да се запрашате колкав е уделот на општеството, луѓето, малограѓанштината и недостапните можности за жените во времето во коешто таа живеела врз нејзината судбина?

Лесно е да ја осудиме Ема Бовари, но оваа книга нѐ поттикнува да ги гледаме работите од неколку различни агли и затоа Ема Бовари е интересна и впечатлива хероина, иако верувам дека ниту една жена не би сакала да се најде во нејзината кожа.

Најдобриот извадок од книгата поврзан со мислите на Ема Бовари:

„Љубовта, мислеше таа, треба да дојде одеднаш, со силни грмежи и светкавици, небесен ураган што се урива врз животот, го потресува, ја истргнува волјата како лисјето и го носи целото срце кон пропаста. Таа не знаеше дека дождот прави цели езера по терасите од куќите кога олуците се затнати и ќе останеше така, сосем спокојна, да не откриеше една пукнатина во ѕидот.“

Кети – „Никогаш не оставај ме“ од Казуо Ишигуро

neverletmego-1

Ова е исто така лик кој е невообичаено да се појави на ваква листа со хероини, но сепак решив да ја вметнам, токму поради тоа што е невообичаено да се појави на ваква листа. Кети е мирна, повлечена, Кети е далеку од оние силни и гласни хероини кои сите посакуваме да бидеме.

Кети целиот живот пати по Томи, никогаш не собира храброст да си ги искаже своите чувства и дозволува да биде манипулирана од страна на нејзината другарка Рут и молчи кога таа започнува врска со Томи.

Сепак, во целата меланхолична и дистописка атмосфера на книгата, има нешто што ве тера да сочувствувате и да се поврзете со неа. И покрај тоа што е речиси невидлива во споредба со други хероини, несигурна и повлечена, сепак нејзиниот лик заслужува почит токму поради тоа што е. Можеби и затоа ја ставив на оваа листа, токму поради тоа што е незабележлива, а сепак толку присутна.

Најдобрата реплика на Кети во книгата:

„Она за коешто не сум сигурна е тоа дали нашите животи беа толку различни од животите на луѓето кои ги спасуваме. Ние сите се надополнуваме. Можеби никој од нас навистина не разбира низ што поминавме, нит пак чувствуваме дека имавме доволно време.“

Бриџит Џонс – „Дневникот на Бриџит Џонс“ од Хелен Филдинг

51862_800x528

Да, знам дека ова можеби ќе звучи чудно за многумина, имајќи предвид какви независни женски ликови има на листава, но Бриџит Џонс за мене е еден од најинтересните ликови кои во последно време се појавиле во книжевноста. Верувам дека повеќето од вас знаат дека „Дневникот на Бриџит Џонс“ е инспирирана од „Гордост и предрасуди“, па можеби и токму затоа оваа книга толку ми прирасна за срце, иако Елизабет и Бриџит се навидум ептен различни ликови.

Бриџит е малку смотана, хаотична, постојано се наоѓа на сите страни и често не знае што прави во животот. Има пороци, на моменти можеби и малку знае да ве нервира со однесувањето. Но, токму тоа е она што ве привлекува кон нејзиниот лик. Таа има милион и еден недостаток, но е своја, никогаш не се преправа дека е нешто што не е, а и кога ќе се обиде, нејзините обиди обично завршуваат со фијаско. Таа е жена која сака нежност, љубов, која пати и сака да биде сакана и сака да биде подобра и да има поубав живот.

Всушност, верувам дека една жена понекогаш се чувствувала како Бриџит или правела исти или во најмала рака слични грешки, погрешни одлуки и се посрамотувала во јавност.

Бриџит е одраз на тоа што секоја жена во одреден момент била: ранлива, хаотична, лутајќи во потрагата да го најде својот правец. Бриџит не е жената која сакаме да бидеме, жената на којашто се угледуваме – Бриџит е жената која секоја од нас некогаш била или сѐ уште е. Токму затоа и ми е една од омилените.

Најдобрата реплика на Бриџит Џонс во книгата:

„Универзална вистина е дека кога еден дел од твојот живот почнува да се средува, другиот дел спектакуларно се распаѓа на парчиња.“

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s