Македонска поезија: „Елегии за тебе“ од Кочо Рацин!

На денешен ден во 1943 година, Кочо Рацин, еден од најзначајните македонски поети, бил смртно застрелан додека се враќал од партизанската печатница од страна на човекот кој чувал стража на пристапот кон печатницата.

Смртта на Кочо Рацин не е разјаснета до крај. Според едни извори се вели дека се работи за несреќен случај бидејќи Кочо Рацин поради својата наглувост не го чул повикот да запре и да се идентификува, а според други извори тој намерно бил убиен поради неговите ставови и фактот дека се спречкал со многу помоќни фигури.

Незаборавна е приказната за неговите последни зборови. Имено кога бил застрелан на Лопушник, тој кажал: „Кажете ѝ на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме.“

Тој бил борец и не се откажувал од своите идеали и верувања. Неговата збирка „Бели Мугри“ е едно од најзначајните стихозбирки и дела во македонското творештво. Речиси и да нема човек кој не знае да изрецитира стихови од неговите најпознати песни како „Денови“, „Тутуноберачите“, „Ленка“, итн.

mkd-266609

Блаже Конески за Кочо Рацин: „Во Рацин имаме најиздигнат македонски народен интелектуалец од неговото време, најкултурен наш човек. Тоа што го рекол и како го кажал Рацин за богомилите не можеше да го постигне тогаш ниеден друг македонски интелектуалец. Чест му чини на Рацин дека тој од обичен работник – грнчар со упорно самообразование се издигна така високо.“

Најверојатно никогаш нема да дознаеме што навистина се случило таа кобна ноќ, но со сигурност знаеме дека стиховите на Рацин никогаш нема да избледат и дека Македонија вечно ќе го слави неговото име и неговото творештво.

Денес, во чест на годишнината од смртта на овој великан, на блогот ја читаме „Елегии за тебе“.

Елегии за тебе – Кочо Рацин

1.
Вчера си појдов, наминав
низ таја гора зелена
под тија буки високи
по ќилим сенки широки.

Одев со глава замаен
наведнат, мртов, зачмаен,
одев со грутка на срце
и каракамен на гради.

Деј гиди горо зелена!
Деј гиди водо студена!
Пилците пеат – ти плачеш,
сонцето грее – ти темнеш.

Ако ги криеш коските
на дели млади јунаци
тука што лежат по тебе
за тија темни дубрави –
зошто ги таеш песните?
Зошто по тебе дрвјата
и на дрвјата гранките
и на гранките лисјата
шумолат скришно таговно?

2.
Таму горе на небото
зора руди, земја буди,
ден морави шири крила
и алова точи свила,
таму зора црвенее –
мое срце ми црнее.

Ископајте длабок бунар
извадете ладна вода
натопете лути рани
да не горат, да не болат.

Зоро златно и румено!
Зоро слатка посестримо!
Ти изгреваш на далеку –
да ли еднаш ќе изгрееш
силно, силно, дури милно
над долови и над гори
над полиња и над реки
над мојата татковина?

3.
Два брега – двата стрмнини.
А од брег на брег танок мост.
Под мостот вода морава –
тече и мие ранава.

Тече од векот вековит
и нова и сè понова,
тече, а тука маките
сè стари и сè постари.

Тече и влече со себе
сичко што стои пред неа,
а на брегови животот
чмае у троскот зараснат!

Течи ми водо студена!
Течи си – рони брегови!
Течи – и нам низ срцето
нели и крвта ни тече?

4.
Скотски е, скотски живот аргатски
у темно заѕидан,
до скот сме сниско попритиснати
на овој свет убав.

Кој ни ги скрши белите крилца
крилца на галаби бели?
Кој ни замати извори бистри
извори на души чисти?

И кој раздвои, и кој раздвои
човек од човек со ѕид?
И кој направи, и кој направи
човек на човека роб!

Та човек од човек
да страда
и тегне
и бега
од лулка до гроб!

5.
Ти да знаеш, паметуваш
и ем да си на ум имаш –
работник си – и работник
ти ќе паѓаш и се дигаш.

Луњи ли ќе пусти дојдат
сонце ли ќе јасно грејне –
патиштата, патиштата
пред тебе се на борбата.

Како смртта вечна што е
така борба долго трае.
Но од смртта е посилна
по патиштата борбата!

6.
Исцедете, ограбете
пот и труд и меса голи,
уста пуста затворете
да не каже оти боли.

Очи црни ископајте
да гледајат не давајте,
раци машки прекршете
срце лудо наранете.

Угаснете и светлини!
Мрак да биде – каракамен.

Има, има – в темнината
нешто живо пак да свети:
има болка на душата
има души наранети.

Болка боли – болка гори
болка тече, душа мори.
А болката кога свети –
тешко, тешко, тешко клети!

 

Advertisements

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google+ photo

You are commenting using your Google+ account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s