Зошто треба да ја читате Силвија Плат?

Силвија Плат е една од најистакнатите поетеси на 20 век, една од најталентираните и една од најпочитуваните. Иако, светот беше оневозможен долго да ужива во нејзината уметност поради тоа што таа си го одзема животот на денешен ден во 1963 година. Денес на блогот прочитајте зошто треба да ја читате Силвија Плат, а подолу можете да го видите одличното анимирано видео на Ted-Ed кои преку слики и одлични илустрации објаснуваат зошто треба да ја читате Плат.

maxresdefault

„Од врвот на секоја гранка, како дебелa виолетовa смоква, прекрасна иднина повикуваше и намигнуваше… но да се избере едното значи да се изгуби сѐ останато, и така, седејќи таму, додека не можев да се одлучам, смоквите почнаа да се збрчкуваат и да потемнуваат и една по една, паѓаа пред моите нозе.“ Во овој извадок од „Стакленото ѕвоно“ на Силвија Плат, една млада жена замислува несигурна иднина и зборува за универзалниот страв да бидеш парализиран од помислата дека е можно да направиш погрешен избор.

Иако таа размислувала и за други кариери, Плат одлучила да биде уметник. Поезијата била нејзиниот повик. Зад нејзиното бистро око и пенкало, секојдневните предмети се претворале во прогонувачки слики: „нова статуа во правлив музеј“, сенка во огледалото, плочка од сапун. Исклучително интелигентна, продуховена и досетлива, на Плат и била дијагностицирана клиничка депресија. Таа ја користела поезијата за да ги истражува сопствените чувства и состојба на ум на најинтимниот можен начин и нејзините воодушевувачки погледи кон чувствата, природата и уметноста продолжуваат да ги маѓепсуваат луѓето ширум светот.

Во нејзината прва збирка поезија, „Џинот“, таа пишувала за чувството да не чувствуваш ништо: „бела: тоа е бојата на умот“. Истовремено, таа наоѓала утеха во природата, од „сина магла“, „влечејќи го езерото“ до бели цвеќиња кои „се искачуваат и доминираат“, до сини школки „натрпупани како светилки“. 

По „Џинот“, таа го објавила „Стаклено ѕвоно“, нејзиниот единствен роман, кој дава фиктивен приказ на времето кое го поминала работејќи во списанието „Мадамозел“ во Њујорк. Романот ја следи нејзината хероина Естер која запаѓа во тешка депресивна епизода, но вклучува и неверојатно смешни и бистри описи за снобовските трендовски забави и состаноците со досадни мажи.

stakleno_zvono

Набргу по објавувањето на „Стаклено ѕвоно“, Плат се самоубила на 30-годишна возраст. По две години, збирката со поеми кои ги напишала во наплив на креативна енергија за време на месеците пред нејзината смрт, била објавена под името „Ариел“. Општа согласност е дека ова е нејзиното ремек-дело, бидејќи „Ариел“ ја прикажува искреноста и фантазијата која Плат ја негувала и искажувала со цел да ја прикаже нејзината болка.

Во „Дамата Лазар“, една од најмоќните поеми во „Ариел“, таа ги анализира нејзините обиди да си го одземе животот и тоа го прави преку Лазар, библиски лик кој се вратил од мртвите. Таа пишува: „јас сум насмеана жена/јас имам само 30 години/и исто како и мачката имам 9 шанси да умрам.“ Но, поемата е доказ за преживувањето: „Се будам со мојата црвена коса/И ги јадам мажите како воздух“. Овој непоколеблив јазик Плат го претвори во важен магичен допир за безброј други читатели и писатели кои бараа начин како да го скршат молкот околу тешки теми како траума, фрустрација и сексуалност.

„Ариел“ е збирка полна со трогателни размислувања за скршеното срце и креативноста. Насловната поема почнува со: „Патека во темнината/Потоа сината боја без содржина/Налевање од ридови и растојанија.“ Ова ја поставува сцената за голото јавање на коњ во раните утрински часови: една од највпечатливите изрази на Плат при ослободување на креативната слобода. Но, таа е полна и со описни слики како на пример „детски плач“ кој „се топи во ѕидот“ и „црвено/око, утра“.

Оваа темнина се провлекува низ збирката, која вклучува и контроверзни референци поврзани со Холокаустот и камиказите. Дури и потсетувањата на посреќни времиња се опишани како мачни за неа: „Мојот сопруг и детето се смеат на семејната слика; Нивните насмевки се закачуваат на мојата кожа, како малечки насмеани куки.“

Нејзиното домашно незадоволство и лошиот однос на нејзиниот сопруг кон неа се постојани теми во нејзината подоцнежна поезија. По нејзината смрт, тој ги наследил нејзините дела и често бил обвинуван дека избришал и изоставил голем дел од нејзините поеми и објави.

И покрај овие наводни и можни изоставувања и нејзината прерана смрт, она што живее е ова неверојатно творештво на поетеса од 20 век. Додека нејзините дела може да ве шокираат со лутината и траумата во нив, Плат ги поставува своите читатели како сведоци: не само на вистината на нејзиниот психолошки живот, туку и на нејзината неверојатна способност да го искаже она што најчесто останува неискажано.

2 thoughts on “Зошто треба да ја читате Силвија Плат?

  1. “I like people too much or not at all” ,
    вонвременски безброј цитиран quote ,
    кој ти враснува доживотна почит кон Sylvia Plath .
    Фала на препоракава,
    пишано следно на листа .

    Liked by 1 person

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s