Интересни факти за „Малите жени“!

„Малите жени“ од Луиза Меј Алкот е една од најсаканите книги на сите времиња, а сега, 150 години по нејзиното издавање, овој роман повторно е во центарот на вниманието благодарејќи на новата филмска екранизација на режисерката Грета Гервиг која беше и номинирана за неколку Оскари и доби Оскар за костимографија.

wek7a7

Без оглед на тоа дали сте ја прочитале одамна книгата или можеби сте ја гледале само екранизацијата (уште поголема причина за да ја земете книгата во рака), овие интересни факти за овој роман ќе ви посочат зошто оваа прекрасна приказна за семејството и пријателството е толку посебна.

ВНИМАНИЕ: Доколку ја немате прочитано книгата или го немате гледано филмот, имајте на ум дека подолу можеби ќе налетате на спојлери, односно информации кои откриваат дел од дејството.

Луиза Меј Алкот не сакала да го напише овој роман 

Луиза Меј Алкот пишувала фиктивни приказни кога Томас Нилс, уредник во издавачката куќа „Робертс Брадерс Паблишинг“, ѝ пристапил со идејата да напише книга за девојчиња. Алкот рекла дека ќе се обиде, но не била нешто многу заинтересирана, подоцна дури и нарекувајќи ги таквите книги „морална кашичка за младите“.

Кога било јасно и очигледно дека Алкот ја одложува работата, Нилс му пристапил на нејзиниот татко, Бронсон Алкот, и му понудил договор за издавање на неговите дела. Иако Бронсон бил познат мислител кој бил пријател со Ралф Валдо Емерсон и Хенри Дејвид Торо, неговото творештво никогаш не добило преголемо признание. Кога станало јасно дека Бронсон би добил шанса да издаде нова книга, доколку Луиза ја започне нејзината книга за девојчиња, таа потклекнала под притисокот.

Ѝ биле потребни само 10 недели за да го напише романот

Алкот започнала да ја пишува книгата во мај 1868 година. Таа деноноќно работела на книгата, станала толку обземена со неа, што честопати заборавала да јаде и да спие. На 15 јули, таа ги испратила сите 402 страни на нејзиниот уредник. Во септември, само 4 месеци откако започнала со пишување, книгата излегла од печат. Книгата била инстантен бестселер и заради неа Алкот станала богата жена.

Сестрите на Алкот биле инспирација за ликовите на Мег, Бет и Ејми

56706-publicdomain-wikimediacommons

Ликот на Мег е создаден врз основа на сестра ѝ Ана, која се заљубила во нејзиниот сопруг Џон Бриџ Прат додека глумела наспроти него во претстава. Описот на свадбата на Мег во романот наводно е заснован на вистинската свадба на Ана.

Сестрата Лизи била инспирација за ликот на Бет, која се разболела од треска во 1856 година. Иако на крајот оздравела, болеста трајно ја ослабела и таа починала во сон на 14 март 1858 година, пред да наполни 23 години. Исто како и Бет, Лизи исто така ја фатила болеста од едно семејство на кое нивната мајка им помагала.

Ликот на Ејми е создаден врз основа на сестрата Меј, уметница која живеела во Европа и чии слики биле прикажувани во салонот „Париз“.

А ако се прашувате од каде дошла инспирацијата за Џо, па тоа е лесно, Џо е самата Луиза. 🙂

Книгата којашто знаеме денес оригинално била издадена во два дела

Првиот дел бил издаден во 1868 година како „Малите жени: Мег, Џо, Бет и Ејми. Приказната за нивните животи. Книга за девојчиња.“ Завршила со сцената кога Џон Брук ѝ предложува брак на Мег. Во 1869 година, Алкот ја објавила „Добрите жени“, вториот дел од книгата. И за вториот дел ѝ биле потребни само неколку месеци.

Алкот одлучно ја отфрлила идејата Џо да се омажи за Лори

Алкот, која никогаш не се омажила, сакала Џо да остане сама. Но, додека работела на вториот дел од „Малите жени“, обожавателите на книгата навивале Џо да се омажи за Лори, момчето од соседството. Алкот во еден момент напишала во својот дневник: „Има девојчиња кои ми пишуваат за да ме прашаат со кого ќе се омажат малите жени, како тоа да е единствената цел и смисла во животот на една жена. Нема да ја омажам Џо само за да задоволам некого.“ Како компромис, Алкот ја споила Џо со целосно неромантичниот професор Баер. Лори завршува со Ејми.

Има различни теории околу тоа кој бил инспирација за Лори

Луѓето низ годините постојано шпекулирале околу тоа кој бил инспирација за Лори. Теориите се движеле од шпекулации дека тоа бил Хенри Дејвид Торо, сѐ до тоа дека всушност инспирација за ликот бил Џулијан, синот на писателот Натаниел Хоторн, но се чини дека ништо од ова не е точно.

Во 1865 година, додека патувала низ Европа, Алкот се запознала со еден полски музичар наречен Ладислав Висниевски, а таа го нарекувала Лади. Нивното флертување било толку силно што тие двајца на крај поминале заедно две недели во Париз. Според биографката Хариет Рајзен, Алкот подоцна го создала Лори врз основа на Лади. До каде отишла нивната врска? Тешко е да се каже, бидејќи таа го ишкртала овој дел во нејзиниот дневник, а на маргините на страницата напишала: „не може да биде“.

Куќата „Оркард“, во која Алкот го напишала романот, е отворена за посетители

56706-daderot-wikimediacommons

Куќата „Оркард“, во Конкорд, Масачусетс (САД) бил домот на семејството Алкот. Во 1868 година, Луиза неволно го напуштила нејзиниот стан во Бостон за да го пишува романот во оваа куќа. Денес, оваа куќа е отворена за посетители и можат да ги видат нејзините цртежи на ѕидот, како и малата масичка за пишување која нејзиниот татко ја создал за таа да може да пишува.

Како и семејството Марч, така и семејството Алкот многу добро знаело што е сиромаштија

Филозофските идеали на Бронсон Алкот не му помогнале да најде работа. На пример, како социјалист, тој не сакал да работи за плата, па така семејството преживувало од донации од пријатели и соседи. Имало периоди во детството на Луиза кога немала што да јаде освен леб, вода и по некое јаболко одвреме-навреме.

Кога пораснала, Алкот работела неколку работи, меѓу кои и како гувернанта, исто како што Џо работела во романот и продавала „сензационалистички приказни“ за да помогне при плаќање на сметките. Таа исто така работела и различни други слабо платени работи како шивачка, перачка и слугинка. Дури и како дете, таа сакала да му помогне на нејзиното семејство да излезе од сиромаштијата, нешто што се случило благодарение на „Малите жени“.

Романот бил екранизиран неколку пати

Освен серијата од 1958 година, неколкуте претстави на Бродвеј, мјузикл, балетска претстава и опера, „Малите жени“ досега била оживеана на филмско платно повеќе од шест пати. Најпознати екранизации се онаа од 1933 година со Кетрин Хепбурн во главната улога, филмот од 1949 година со Џон Алисон (и Елизабет Тејлор како Ејми) и верзијата од 1944 година со Винона Рајдер во главна улога. Најновиот филм кој излезе во 2019 година беше дочекан со многу позитивни критики и се очекува дека тој ќе си го најде местото помеѓу легендите.

Во 80-тите години на 20 век, се појавила јапонска аниме серија „Малите жени“

Во 1987 година, во Јапонија била објавена аниме серија „Малите жени“ која имала 48 епизоди, а секоја епизода траела околу половина час.

Извор.

 

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s