Откриен ракопис кој открива цел изгубен магичен свет од 16 век…

Фернандо Колумбо бил роден во 1488 година, тој бил син на Кристофер Колумбо и неговата љубовница Беатрис Енрикес де Арана. Иако бил вонбрачно дете, Колумбо  го признал како негов син. Исто како и неговиот татко, и Фернандо работел на проект кој бил поголем од самиот живот.

Додека Колумбо ги истражувал океаните и бил посветен на потрагата да го пронајде Новиот свет, неговиот син ревносно се трудел да ја прочита секоја книга која можел да ја најде. Според „Гардијан“, тој сакал да „создаде универзална библиотека која би ги содржела сите книги, на сите јазици и на сите можни теми, кои можат да се најдат во христијанскиот свет, но и подалеку од него.“

2855
(Оригиналниот ракопис)

За оваа своја ентузијастичка идеја, Фернандо најмил еден куп истражувачи и академици за да ги анализираат книгите кои тој ги поседувал, замолувајќи ги да направат кратки описи со цел да ги вметне во она што ќе стане пионерски ракопис од 16 тома заедно со референци за другите предмети во библиотеката. Тој лично ги читал, проверувал и уредувал описите пред да бидат вметнати во ракописот.

Ракописот бил наречен „Книга на епитоми“ (Libro de los Epítomes) и бил нарекуван „пребарувачка машина“ на Средниот век. Во него, сето знаење за книгите и друг сличен печатен материјал собран од Фернандо Колумбо бил темелно анализиран и класифициран.

Со векови се мислело дека овој ракопис е изгубен, сѐ до неодамна, кога било откриено и потврдено дека се наоѓа во колекцијата „Арнамагнеан“ (Arnamagnæan) во Универзитетот во Копенхаген. Сите тие собрани описи создале книга од 2000 страни и голем дел од нив се однесуваат на книги кои биле целосно изгубени низ текот на вековите. За пократки томови, писарите вметнувале кратки описи од една страница, а за книги, како на пример делата на познатите грчки филозофи, додавале подолги апстракти кои зафаќале и по 12 страници.

babelon_bibliotheque_francaise_de_fernand_colomb_p_78
(Една од книгите на Колумбо со негови забелешки)

Ракописот всушност бил еден од четирите начини за снаоѓање и движење низ библиотеката на Фернандо Колумбо. Според Институтот „Арнамагнеан“, Колумбо имал четири начини за да биде во тек со неговите книги, кои вклучувале „листа со имињата на авторите, листа со предметите на книгите (т.е темите), листа со материјали и листа со епитоми“. Секоја од овие можела да биде вкрстено пребарувана преку бројките кои им биле зададени на книгите во секоја од листите.

Тој неуморно додавал книги во неговата збирка, сѐ до неговата смрт во 1539 година. Се проценува дека неговата библиотека содржела околу 15000 книги, но за жал, само 1/4 од овие книги „преживеале“, односно не се изгубиле. По неговата смрт, неговата збирка била пренесена во катедралата во Севиља, каде заради небрежност и незаинтересираност, голем дел од книгите исчезнале и се загубиле.

Д-р Едвард Вилсон – Ли, истражувач во „Кембриџ“, напишал биографија за Фернандо Колумбо, наречена „Каталогот на изгубени книги“ и рекол дека книгата на Колумбо е како прозорец кој дава увид во „загубениот свет на книги од 16 век“. Тој напишал: „Ова е неверојатно важно откритие, не само затоа што содржи многу информации за тоа како луѓето читале пред 500 години, туку и затоа што содржи описи за книги кои не постојат повеќе, кои исчезнале во секаква форма и останале да живеат само во овие описи.“

don_hernando_colon_firma_1534_ahps-640x434-1
(Потписот на Фернандо)

Збирката во која „Книгата на епитомите“ се појавила, се припишува на исландско-данскиот истражувач и собирач Арни Магнусон, кој живеел во периодот помеѓу 1663 и 1730 година. Пред да умре, тој ја подарил својата лична колекција на книги на Универзитетот во Копенхаген. Поголемиот дел од неговите 3000 книги се на исландски јазик, а другите се на нордиските јазици. Само 20 книги се на шпански јазик, вклучувајќи ја и оваа книга, па така, јазичната бариера најверојатно е причината поради која никој не ѝ обрнал внимание во текот на овие неколку векови.

Во 2013 година, за време на една посета во Институтот „Арнамагнеан“, Гај Лазур, професор на Универзитетот „Виндзор“ во Канада и истражувач на животот и делото на Колумбо, бил првиот кој посочил дека ракописот можеби е поврзан со библиотеката на Фернандо Колумбо. После оваа средба, данскиот институт се консултирал со уште неколку истражувачи кои се нафатиле да истражуваат и потврдиле дека „тоа е тоа“.

Информацијата стигнала до Вилсон – Ли (биографот на Колумбо) и ко-авторката Марија Перез Фернандес. Во соработка со Институтот, Вилсон-Ли и Фернандес работат на дигитализирање на долго изгубениот ракопис.

hernando-colons-house-640x447-1
(Куќата на Фернандо)

Она што е за изненадување е дека овој ракопис е пронајден во држава која е толку  далеку на север и останува мистеријата како всушност стигнал до рацете на Арни Магнусон. Една можност е дека ракописот патувал од Севиља до Копенхаген, заедно со уште еден куп други ракописи, преку дипломатски канали. Во 16 век, Шпанија била најбогатата држава на планетата и нејзината моќ се одразувала преку подвизи како оној на Кристофер Колумбо.

Во истиот дух и амбициозност за постигнување големи работи, неговиот син сакал библиотека каква што никогаш не постоела. Универзалната библиотека би функционирала како „мозокот“ на моќната шпанска империја. Ако Колумбо имал некаков идол на кого се огледувал, тоа дефинитивно бил неговиот татко-истражувач, кој бил доволно уверен за да верува дека Шпанија еден ден ќе владее со светот.

И самиот Фернандо патувал многу, понекогаш и го придружувал својот татко. Тој ја напишал една од првите биографии на неговиот татко. „Гардијан“ вели: „Во периодот од 1509 година, сѐ до неговата смрт во 1539 година, Фердинанд патувал низ цела Европа. Само во 1530 година тој ги посетил: Рим, Болоња, Модена, Парма, Турин, Милан, Венеција, Падуа, Инсбрук, Аусбург, Констанс, Базел, Фрибург, Келн, Мастрихт, Антверп, Париз…“

hernando_colon
(Фернандо Колумбо)

Целта на ова долго патување било да продолжи да собира книги и секаков печатен материјал како постери од таверни и весници. Во тоа време, неговата збирка со книги била наречена „Библиотека Хернандина“ и пораснала толку многу што била три пати поголема од другите приватни библиотеки во тоа време.

Колумбо имал интересни читачки навики. Во секоја книга запишувал од каде ја купил и колку чинел примерокот, дури и во која валута ја купил. Тој исто така сакал да запишува каде ја читал книгата и фаќал забелешки за неговите размислувања околу она што го читал. Тој имал строги протоколи околу организацијата на неговите книги, па затоа и овој ракопис не доаѓа како изненадување за оние кои се запознаети со неговиот лик и дело.

Најголемата приватна библиотека во тоа време во Европа која се нарекувала „Библиотека Хернандина“, денес се нарекува „Библиотека Колумбина“. Колекцијата е значително намалена, сега содржи „само“ 4000 наслови. Како што е погоре спомнато, додека колекцијата била во катедралата во Севиља, некои од изданијата биле украдени, некои уништени во несреќи како поплави и слично.

bibliotheca_columbina_interior-490x640-1
(Дел од колекцијата додека била во Севиља)

И покрај загубата на голем дел од книгите, остатоците од големиот проект на Фернандо Колумбо се тука со нас и неговиот карактер раскажува фантастична приказна за човекот кој бил цврсто решен да ги собере сите книги кои постоеле. Дури и ако не успее да ги прочита сите, барем да има некаква идеја за тоа за што станува збор во книгите. Без да биде свесен за тоа, тој сосема ја променил самата идеја за тоа што е знаењето и учењето.

Извор.

Leave a Reply

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Change )

Google photo

You are commenting using your Google account. Log Out /  Change )

Twitter picture

You are commenting using your Twitter account. Log Out /  Change )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Change )

Connecting to %s