Кога човек се труди да го замисли заробувањето на Ана Франк, на тој летен ден во 1944 година, најчесто замислува сцена која со декади е прикажана и во разни претстави и филмови:
Вооружени Нацисти влетуваат во продавницата во која 8 Евреи се криеле на таванот. Мажите веднаш побарале од вработените во продавницата да им ги покажат горните катови. Тие влегле низ влезот, скриен од тешка библиотека и извршиле брзо апсење.
Кога човек си ги замислува изразите на лицата на Нацистите, веројатно нема да замисли изненаден израз на нивните лица.
Но, новото истражување вели дека токму тоа е чувството кое се јавило кај заробувачите кога го откриле семејството Франк.
Тајниот анекс
Долго се претпоставуваше дека Ана Франк, девојчето чиј дневник даваше еден искрен, детски поглед за се што се случувало за време на Холокаустот, била предадена.
Па сосема природно, секогаш се поставуваше прашањето: Од кого?
Историчарите секогаш нуделе различни осомничени: вработен во складиштето, чистачката, жената на некој од пријателите на Ото Франк, љубопитен сосед.
Но, сега, една истрага од домот на Ана Франк навестува еден одговор на кој никој никогаш не помислил:
Никој.
Според извештајот од декември 2016 година, сосема е можно дека германската Тајна служба сосема случајно го открила семејството Франк и двајцата Евреи кои се криеле заедно со нив.
Авторите наведуваат неколку причини кои ги навеле да се сомневаат во идејата дека некој им потшепнал нешто на властите.
Прво, офицерите кои биле на лице место (само три мажи биле идентификувани) во суштина немале задача да апсат и собираат Евреи. За овој конкретен оддел вообичаено било да истражува економски криминал, како измами со купони и слично.
Со оглед на тоа дека Ана Франк понекогаш пишувала за двајца мажи вклучени во некои лажни картички, навестувајќи дека храната за семејството зависела од нивниот бизнис, сосема е можно дека токму тој прекршок е она што ги навело властите да ја истражат зградата.
Покрај тоа, неверојатна реткост било да се види телефон во домовите на обичните граѓани, па оттаму историчарите не веруваат дека „дојавата“ дошла од анонимен телефонски повик.
Уште една информација која ги заинтригирала истражувачите е фактот дека чуварите кои го извршиле апсењето не делувале подготвени да се справат и да пренесат толку многу заробеници. Тие наводно не се ни помачиле да ги обезбедат влезовите во куќата за време на рацијата и им било потребно прилично многу време за да најдат доволно голем камион за да можат да пренесат 10 затвореници.
И иако еден од заробувачите подоцна тврдел дека знаел колку луѓе се криеле на таванот уште пред да почне рацијата, неговите различни описи од тој ден се порекнуваат едни со други.
Во извештајот се вели: „Ако навистина бил толку добро информиран, малку е чудно тоа што целата рација не била подобро организирана.“
Ото Франк, таткото на Ана Франк, до крајот на својот живот останал убеден дека неговото семејство било предадено од поединец.
Тој можеби имал право. Ова ново истражување вели дека ниту една теорија не може во целост да се отфрли и сосема е можно дека никогаш нема да дознаеме зошто и како било откриено семејството Франк.
Но, можеби најдоброто прашање е: Зошто се уште се грижиме?
Поминаа речиси 75 години откако неверојатното, остроумно 15-годишно девојче било земено од режимот кој на крајот и ќе ја убие.
Историјата ни дозволува да ја ставиме приказната на Ана Франк во контекст со неверојатни бројки: 40,000 нацистички концентрациони кампови и други затвори во кои умреле околу 6 милиони Евреи, од кои 1.1 милион деца.
Сепак, светот останува обземен од шпекулациите околу едно семејство, една рација, еден летен ден, предавство кое можеби, а можеби и не, било извршено од личност која секако денес веќе би била мртва.
Можеби кога се соочено се несфатливо насилство и зло, луѓето природно се обидуваат да го стеснат видикот.
Ги гледаме ужасните статистики за Евреите во 40-тите години од 20-тиот век и наместо да размислуваме за општествените структури кои не’ довеле до таму, ние очајно бараме некого за да го обвиниме.
И можеби тогаш се ќе има смисла.
Ана Франк е толку популарна затоа што е симбол за невиноста и чистината на една детска душа насреде целиот тој пекол и зло коешто се случувало. И покрај се, покрај целата тага и страдање, сепак постоела искра на добрина и чистота која ниедно зло не може да ја изгасне. Како еден пример за тоа, прочитајте го последниот запис на Ана во нејзиниот дневник, направен токму на денот на нејзиното апсење.