12 интересни факти за „Малиот принц“ – омилената книга и на малите и на големите!

Малиот принц“ од Антоан де Сент – Егзипери е една од најомилените и најпреведуваните книги на сите времиња. Книга која нема возрасни граници. Книга наменета за децата, но и за оние кои така се чувствуваат.

И до ден денес оваа книга предизвикува насмевки кај сите оние кои ја земаат во рака. Од оние насмевки кои децата ги користат кога ќе видат нешто ново, искрени и чисти, детски и наивни. Од оние насмевки кои се јавуваат кај возрасните кога ќе се потсетат на некои дамнешни времиња, на својата безгрижност и на моментите на детска наивност кои никогаш нема да можат да се вратат.

Малиот принц ја напушта својата љубена роза и својата малечка планета и оди да патува за да го спознае универзумот. Во своите патувања се среќава со секаков тип на луѓе и доаѓа до заклучок дека возрасните се чудни.

Книга која е во потрага по смислата на живот, емоциите, растењето и најважно од сѐ – пријателството. Малиот принц го краси она што го краси секое дете: љубопитноста, љубовта, среќата, грижливоста…. Книга која е безвременска, топла, емотивна – книга која никогаш нема да застари и која секогаш ќе биде актуелна.

Оваа книга е инспирација за мјузикли, опера, анимирана серија, а годинава ќе излезе и анимиран филм. Погледнете го трејлерот:

Сајтот Mental_floss направи листа од 12 интересни факти за “Малиот принц“ кои можеби не сте ги знаеле, а јас интегрално ви ги пренесувам тука и се надевам дека барем на момент ќе се вратите во детството и ќе дознаете некоја информација која не сте ја знаеле за вашата омилена книга. 🙂

1. Сент-Егзипери многу добро бил запознаен со авионските несреќи. Од искуство.

Нараторот во книгата е пилот чиј авион се руши во Сахара и се обидува да го поправи за да си отиде дома, кога ќе налета на Малиот принц. Нарацијата ни е позната на сите, но треба да се знае дека кога Сент-Егзипери пишувал за авионска несреќа, пишувал од сопствено искуство.

Пред светот да го запамети по „Малиот принц“, тој бил познат аристократски авијатичар и писател кој летал мали растојанија во Африка и Јужна Америка и дури работел како тест-пилот. Во еден свој обид да сруши рекорд, неговиот авион паднал во пустина која била одалечена повеќе од 200 километри од Каиро.

2. Се претпоставува дека „Малата сирена“ била инспирацијата за „Малиот принц“.

Иако оваа претпоставка и приказна не е потврдена и е предмет на многу жестоки дебати во литературниот свет, сепак една од теориите е дека Сент-Егзипери бил инспириран од оваа бајка на Ханс Кристијан Андерсен.

Во раните 40-ти години на 20-тиот век, Сент-Егзипери заглавил во болница каде се лекувал од различни повреди предизвикани од неговите авионски несреќи и притоа му било ужасно здодевно.

Неговата пријателка Анабела која често го посетувала решила да му ја прочита „Малечката сирена“, чисто за да му го тргне умот од болницата и досадата, но приказната толку му се допаднала, што и тој самиот решил да напише бајка.

3. Сент-Егзипери ја напишал „Малиот принц“ додека бил во самопрогласено прогонство во САД за време на Втората светска војна. 

Тој бил авијатичар во Француските воздухопловни сили се до примирјето помеѓу Франција и Германија во 1940 година, кое резултирало со демобилизација на француските воени сили. Сент-Егзипери воопшто не го сакал Шарл де Гол и затоа одбил да се приклучи на Кралските воздухопловни сили и заминал за САД, каде што неуспешно се обидел да ја убеди власта во Америка да влезе во војната против Германија.

4. Консуело, жената на Сент-Егзипери, е најверојатно музата поради која е создадена розата на Малиот принц.

Тие двајца имале навистина многу чудна врска и однос, живеејќи разделено во поголемиот дел од нивните животи, но таа секогаш била неговата муза. Исто како што тој ја љубел Консуело и ја чувал блиску до своето срце, така и Принцот ја заштитува својата роза, наводенувајќи ја и штитејќи ја од опасности.

Иако Принцот среќавал други рози (а Егзипери други жени) на своето патување, сепак лисицата го потсетува дека “секогаш ќе бидеш одговорен за она што си го скротил“. Оваа теорија е поддржана и од автобиографијата на Консуело, која случајно или не, се вика „Приказната на розата“.

5. Сент – Егзипери освен што ја напишал „Малиот принц“, тој самиот ги има нацртано оригиналните цртежи.

Сите цртежи во приказната и книгата се нацртани од самиот Сент-Егзипери со цртежи со водени боици. Тој не се сметал себеси за ликовен уметник, но целиот свој живот сакал да си црта на хартија и хоби му било да црта малечки човечиња на листови хартија.

6. Тој морал да импровизира за голем дел од моделите на цртежите.

Сент-Егзипери немал голем избор за модели и материјали од коишто можел да бира за да ги направи моделите и цртежите, па затоа доста импровизирал. На пример, пудлата на неговиот пријател била инспирација за овцата, а неговото милениче (куче од расата боксер) било инспирација за тигарот.

7. Еден од главните ликови не е портретиран во книгата.

Она што е навистина е интересно е дека нараторот и еден од главните ликови во книгата, физички никако не е претставен во книгата. Една изложба на необјавените цртежи на Сент-Егзипери во 2014 година во една библиотека/музеј во Њујорк, вклучуваше и еден цртеж од нараторот како спие покрај авионот.

Кураторот во музејот, Кристин Нелсон во таа прилика изјави: „Можеме само да шпекулираме за причината поради којашто тој решил да ја тргне таа слика. Тој секогаш наоѓал начини да го тргне она што сметал дека не е важно за приказната.“

8. Орсон Велс бил ептен загреан да направи филм според книгата и за тоа побарал помош од Волт Дизни.

Според одредени извори, на Орсон Велс толку многу му прираснала приказната за срце, што наредниот ден веднаш отишол да ги откупи правата за филм. Тој сакал да работи со Волт Дизни и дури го замолил Дизни да ги прави специјалните ефекти, но двајцата брилијантни умови очигледно не работеле брилијантно како соработници.

Дизни сметал дека таков филм ќе ѝ наштети на неговата работа и наводно луто излегол од еден состанок дерејќи се: „Нема место во оваа просторија за двајца генијалци.“ Оригиналното сценарио на Велс било прикажано на истата изложба која е спомената во претходната точка.

9. Сент-Егзипери ја оставил завршната верзија од книгата кај еден пријател моменти пред да се врати во армијата.

Една од најпопуларните книги на сите времиња имала многу чуден пат до своето издавање. Сент-Егзипери отишол да посети една своја пријателка пред да ѝ се приклучи на армијата и се појавил кај неа дома фрлајќи една стара испарталена торба во којашто била завршната (груба) верзија од книгата заедно со илустрациите.

140 страни биле рачно напишани и целата верзија била хаотична, прозата била збиена, ракописот непрепознатлив и нечитлив, на хартијата имало дамки од кафе и траги од догорчиња. Тој всушност ја оставил книгата како подарок за збогум, велејќи: „Би сакал да можев да ти подарам нешто прекрасно, ама ова е сѐ што имам.“

10. Сент-Егзипери никогаш не доживеал да ја види својата книга објавена во својата родна земја.

Книгата за прв пат била објавена во 1943 година и тоа на француски и на англиски јазик, но во САД. Заради неговите контроверзни политички ставови, неговите дела речиси воопшто не биле достапни и оваа книга не била издадена во неговата родна земја се до конечното ослободување на Франција.

11. Сент-Егзипери мистериозно исчезнал по издавањето на книгата.

Во времето кога неговата книга станала достапна во Франција, тој веќе се сметал за мртов повеќе од една година, а неговата смрт е подеднакво мистериозна и фасцинантна, како што бил и неговиот живот. Откога пристигнал во Алжир и преговарал да се приклучи на Слободните француски воздухопловни сили, тој имал можност уште еднаш да лета иако неговото здравје (психичко и физичко) било прилично нарушено.

При една мисија во 1944 година, неговиот авион исчезнува и потоа се губи секаква трага од него. Сѐ уште не се знае дали авионот бил срушен од непријателски сили, дали авионот имал неправилности или можеби било и самоубиство.

Телото на авторот никогаш не било пронајдено, ниту пак се знаело нешто за неговата судбина сѐ до 1998 година кога се појавила неговата сребрена белезница за идентитет којашто била откриена од страна на еден рибар на Медитеранското море. Остатоците од неговиот авион се пронајдени во 2000 година од страна на еден нуркач.

Antoine de Saint-Exupery's identity bracelet, worn in 1944   (Non-Morgan, Estate of Antoine de Saint-ExupÈry)
Сребрената белезница за идентитет пронајдена од француски морнар во 1998 година.

12. „Малиот принц“ е преведена на повеќе од 250 јазици.

Дефинитивно една од најчитаните и најпопуларните книги во светот и во најголемиот дел од државите, оваа книга е и лектира за децата во основно училиште. Во 2005 година беше преведена на aмериндискиот јазик, познат и како Тоба, во северна Аргентина. Единствената друга книга преведена на овој јазик покрај „Малиот принц“ е Библијата.

Моја забелешка: „Малиот принц“ е преведена на 253 јазици, пред некое време на Кафе и книги имавте можност да погледнете инфографик со најпреведуваните книги во светот и „Малиот принц“ беше на прво место.

Leave a comment