Македонска поезија: „Тркалезни форми“ од Петре М.Андреевски!

Денешниот дождлив и бавен ден кај многумина предизвикува романтично расположение. Во таа насока, денешниот избор за македонска поезија на денот падна на прекрасната песна „Тркалезни форми“ од великанот Петре М. Андреевски! Уживајте!

Тркалезни форми – Петре М. Андреевски

(Пофалба на жената)

Тркалезни ти се очите
и местата од кај што ме гледаш,
управувајќи со моите движења.

Тркалезна ти е устата
што ги оданочува зборовите
и што ја прославува насмевката.

Тркалезни ти се рамената
и тркалезен ти е вратот
што е единствено скеле од каде
сета татковина е видлива.

Тркалезни ти се дојките
што се подвижни камбанарии
и подигнати пушки од заседа.

Тркалезни ти се брадавиците
и медното саќе на нив
и млечниот рудник, првата почва,
првата средба со исхраната.

Тркалезни ти се слабините,
тркалезно што се шират,
рамномерно што се враќаат.

Тркалезна ти е половината
и ветрот што се врти околу неа,
како колцето околу оската,
како преѓата околу вретеното.

Тркалезен ти е папокот
што е лузна на раѓањето
и сеќавање на точката
откај што тргнал животот.

Тркалезни ти се колковите
од кои се одбива светлината
што е единствено вратниче
за во мракот и за в помрачина.

Тркалезни ти се колената
што ги чекам да ми проговорат
и тркалезни ти се петиците
што те одделуваат од земјата.

Тркалезна ти е прегратката
кога ме љубиш, кога те љубам
и тркалезна ти е солзата
кога од мене се разделуваш.

Тркалезна ти е трпезата
на која ручаш и вечераш,
а и лебот и садовите,
ко трпезата се тркалезни.

Тркалезно ти е јаболкото
што го честиш со устата
и тркалезно е виножитото
во лубеницата што ја отвораш.

Тркалезна е водата
што ја зафаќаш со грстите
и водата кога ти прави место,
помагајќи ти да се искапиш.

Тркалезно е и семето
што го засејуваш во нивата
и тркалезен е надолу патот
по кој слегува неговиот корен.

Тркалезно е сонцето и сончогледот
што изгрева заради тебе,
заради твоите тркалезни форми
без кои и јас не знам кај би гледал.

299390eee5550d6809693d94d992aa10--whimsical-photography-couple-photography

Leave a comment